„ЗНАМ“ и „Беса“ ги потврдија кандидатите за министри – ВМРО-ДПМНЕ утре со конечни предлози, наредниот викенд гласање за нова Влада

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дел од партиите од новото владејачко мнозинство започнаа официјално да ги соопштуваат предлозите за министри. Од Движењето „ЗНАМ“ нивен предлог за министер за правда е Игор Филков, кој инаку е бизнисмен, а по струка е правник. Од партијата на Димитриевски го предложија и поранешниот пратеник од редовите на СДСМ, Горан Минчев за нов министер за администрација. Портпарол Никола Мемов изјави дека се уште траат преговорите за останатите ешалони.

„Се разговара за заменици-министри, државни секретари, а исто така отворени се прашањата и за четвртиот и петтиот ешалон. Во моментот се разговара и за две заменички места, но ресорите сѐ уште не се дефинирани.“, вели Никола Мемов.

Претходно своите имиња за нови министри ги соопшти и БЕСА. По седницата на органите од партијата на Биљал Касами потврдија дека за министер за социјална политика, демографија и млади го номинираат Фатмир Лимани, за министер за економија и труд Бесарт Дурмиши, додека пак Седат Сулејмани е нивен кандидат за заменик-министер за култура и туризам. Од Беса додаваат дека нивни приоритети во новата Влада ќе бидат борбата против криминалот, како и интеграцијата  во ЕУ. На коалицијата „Вреди“ ќе и припадне и Министерството за здравство, на чие чело ќе застане Арбен Таравари. Изет Меџити  ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија.

Кадар на „Вреди“ ќе го предводи и Министерството за европски прашања, каде во игра се Орхан Муртезани и Адмирим Алити, додека пак вицепремиерка за добро владеење се очекува да биде Бујаре Абази.

Во партијата која ги освои изборите се уште течат консултации за кандидатите за министри. Најавено е в недела органите на ВМРО-ДПМНЕ да ги официјализираат имињата.

Според информациите, Тимчо Муцунски ќе биде нов шеф на дипломатијата, Весна Јаневска ќе застане на чело на Министерството за образование, Стефан Андоновски ќе го предводи Министерството за дигитализација, Сања Божиновска ќе раководи со Министерството за енергетика.

За прв човек на земјоделие се споменува Цветан Трипуновски, а за спорт Борко Ристовски. Неофицијално, Панче Тошковски се споменува за генерален секретар на Владата, но се уште е во игра и за Министерство за внатрешни работи, за каде се споменува и името на Игор Јанушев.

Мандаторот Христијан Мицкоски претходно изјави дека програмата и предлог составот на новата Влада до Собранието ќе ги поднесе во вторник на 18-ти јуни. Гласањето во Собранието за избор на нова Влада се очекува да биде наредниот викенд.