Знамињата кај Белата куќа беа спуштени на половина копје по наредба на американскиот претседател Џо Бајден поради смртта на полицаецот кој почина синоќа во нападот на Капитол Хил.
Џо Бајден во изјавата наведува дека тој и неговата сопруга Џил се со скршено срце поради смртта на Вилијам Еванс, кој поминал 18 години во полицијата во Капитол, пренесува АП.
„Знаеме колку е тешко ова време за Капитол, за сите оние кои работат таму и кои го штитат“, рече Бајден.
Тој изрази благодарност до полицијата во Капитол Хил и Националната гарда за брзиот одговор на нападот.
Претседателот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, исто така, нареди знамињата да се спуштат на половина копје во зградата на американскиот Конгрес.
Непознат напаѓач вчера со автомобил пробил барикада кај Капитал, убил еден и ранил друг полицаец, а полицијата за Си-Ен-Ен потврди дека напаѓачот бил вооружен со нож и дека бил убиен од страна на полицијата.
