Прилепската болница денеска ќе биде под надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат по смртта на новороденчето. Бебето кое живеело само 10 дена се родило на крајот на октомври во породилното одделение на Општата болница – Прилеп, додека пред два дена починало во тешка состојба од сепса, на Клиниката за детски болести во Скопје.
Мајката на бебето, Лиле Петровиќ, на социјалните мрежи детално ги опишува тешкотиите низ кои поминала и го обвинува медицинскиот персонал во прилепската болница. Таа вели дека бебето е родено на 27 октомври без никакви здравствени проблеми. Но, по два дена и рекле дека има жолтица и дека ќе оди на фототерапија, а потоа мајката и бебето ќе бидат пуштени дома.
Од болницата во Прилеп потврдија дека новороденчето е родено здраво, но потоа поради информации за бактериска и вагинална инфекција кај родилката, од новороденчето била земена крв, која сепак била нормална. Но состојбата се влошила и поради оваа причина бебето е пренесено на Детската клиника во Скопје.
Од Клиниката за детски болести во Скопје велат дека бебето било донесено кај нив во исклучително тешка здравствена состојба, примено на реанимација, па интубирано, но дека откажале бубрезите. Мајката прашува зошто лекарите од прилепската болница чекале три дена да се влоши состојбата на здравото бебе и обвинува за лекарска грешка.
