Заменик-министерот за економија Марјан Ристески, во гостувањето во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21, истакна дека приоритет на Владата е стабилизирање и подобрување на економската состојба, како основа за раст на платите и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Одговарајќи на прашањето зошто минималната плата не била ставена како посебна точка на дневен ред на Економско-социјалниот совет, Ристески нагласи дека Советот секогаш имал отворен дневен ред, при што ова прашање можело да се отвори под точката „разно“.
„Ниту една точка никогаш не била одбиена од страна на социјалните партнери. Нашиот став е ист повеќе од една година – за минималната плата сме подготвени да дискутираме доколку постои отворена можност, а отворен пас им даваме на синдикатите и на работодавачите да се договорат“, изјави Ристески.
Тој потенцираше дека Владата континуирано интервенира во насока на подобрување на животниот стандард, но дека тоа мора да се темели на реални економски показатели, а не на политички или ад хок решенија.
„Имавме година на стабилизација. Од една катастрофална состојба успеавме да ја стабилизираме економијата и сега имаме параметри кои се движат во нагорна линија. Тоа значи дека ќе растат платите, вклучувајќи ги и минималните плати“, истакна заменик-министерот.
Според Ристески, непромислените и брзи интервенции во економијата може да предизвикаат сериозни потреси, поради што Владата, како што рече, се води од принципот на одржлив раст и долгорочна стабилност.
„Не на политиканство и ад хок решенија кои би направиле големи потреси во економијата“, порача Ристески во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21.
