Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествува на серија состаноци на Северноатлантскиот совет, каде главни теми се зацврстувањето на колективната одбрана, зголемувањето на инвестициите во одбраната, развојот на вооружените сили и одбранбената индустрија, како и подготовките за претстојниот Самит на НАТО во Анкара.
На состаноците, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги претстави приоритетите на Алијансата, посочувајќи дека сојузниците ќе покажат напредок во изградбата на посилна Европа во рамки на посилно НАТО.
„Потребни ни се повеќе сили, повеќе ресурси и многу посилна индустриска база. Тоа значи постојано зголемување на инвестициите во одбраната и поправедна распределба на одговорноста за нашата колективна безбедност“, изјави Руте.
Тој нагласи дека во 2025 година европските сојузници и Канада значително ги зголемиле основните инвестиции во одбраната, со раст од повеќе од 90 милијарди долари, што претставува речиси 20 отсто зголемување за една година.
На средбите во Брисел ќе се одржи состанок на Групата за нуклеарно планирање на НАТО, како и седница на Северноатлантскиот совет посветена на подготовките за Самитот на Алијансата во Анкара. Ќе се одржи и состанок на Контакт-групата за одбрана на Украина, со која претседаваат Германија и Обединетото Кралство.
Руте се осврна и на прилагодувањето на американскиот придонес во моделот на сили на НАТО, нагласувајќи дека Вашингтон останува посветен на Алијансата.
„САД ги приспособија своите ветени придонеси, а другите сојузници презедоа поголема улога. Ова нè прави посилни и тоа е суштината на НАТО 3.0 – посилна Европа во посилно НАТО“, рече генералниот секретар.
Тој истакна дека НАТО продолжува да работи со одбранбената индустрија за да обезбеди доволно производство и да ја задржи технолошката предност на Алијансата.
Поддршката за Украина останува еден од главните приоритети, а Руте порача дека сојузниците досега обезбедиле милијарди долари помош, артилерија и муниција, но дека поддршката мора да продолжи.
Министерот Мисајловски, покрај главната сесија на Северноатлантскиот совет, ќе учествува и на состанокот на Групата за нуклеарно планирање и Контакт-групата за Украина.
На состаноците беше поздравен и договорот постигнат меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Иран, при што Руте оцени дека спречувањето на заканата од нуклеарно вооружен Иран и намалувањето на неговите балистички способности придонесуваат за поголема безбедност.
