Мицкоски: Македонија е меѓу првите пет земји во Европа според растот на БДП

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Економскиот раст, странските инвестиции и инфраструктурните проекти беа во фокусот на обраќањето на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на одбележувањето на 36-годишнината од основањето на партијата во Струмица.

Под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, Мицкоски порача дека во период од помалку од две години Владата реализирала повеќе проекти и презела активности во економијата, инфраструктурата и социјалните политики.

„Поминавме безмалку две години. Покажавме дека и со скромни ресурси можеме да направиме многу. Денес Македонија е меѓу првите пет земји во Европа според растот на БДП. Постигнавме историски рекорд со повеќе од 1,255 милијарди евра странски директни инвестиции. Работиме на шест нови автопати, ги зголемивме пензиите, градиме студентски домови и обезбедивме електронски уреди за студентите. Реализираме проекти што со години биле заборавени“, рече Мицкоски.

Премиерот најави дека во текот на неделата ќе биде објавен тендер за изработка на физибилити студија и техничко решение за патното поврзување меѓу Радовиш и Струмица.

„Оваа недела ќе биде објавен тендерот за физибилити студија и техничко решение за патот што ги поврзува Радовиш и Струмица. Тоа ќе биде дополнителна вредност на денешниот настан, кога конечно беше ставена во функција болницата во Струмица, објект што четири децении не бил завршен“, истакна премиерот.

Во обраќањето тој се осврна и на најавената реконструкција на Владата, посочувајќи дека започнува процесот на промени во извршната власт.

„Од утре почнувам интензивно да работам на реконструкцијата на Владата. Веќе сме во завршна фаза на екипирањето и промените во партијата, каде што околу 30 проценти од претседателите на општинските комитети се нови“, рече Мицкоски.

Тој оцени дека земјата се движи во позитивна насока и дека Владата ќе продолжи со реализација на економски, инфраструктурни и развојни проекти во периодот што следува.