Учениците од нашата земја беа во групата држави кои покажуваат најлоши резултати во читање, математика и природни науки на ПИСА тестирањето од 2018 година. Истражувањето е направено на 15-годишниците од 78 светски држави кое го изработува Организацијата за економска соработка и развој.
Од регионот единствено полош резултат оствариле учениците од Косово, додека најдобри резултати покажале 15-годишниците од Словенија. Според податоците на Заводот за статистика од пописот во 2002 година, во Република Македонија имало 1.693.044 писмени граѓани, а 635.562 неписмени.

Дека учениците ни се неписмени признава и министерката, која гостуваше во 10 Минути:
„Сите истражувања и оценувања покажуваат дека нашите ученици се функионално неписмени“, истакна Мила Царовска.
Покрај сите реформи како Болоњската програма, Кембрич програмата, па сега најавата за нови реформи, која е дочекана со лавина реакции, нема напредок. Се поставува прашањето каде грешиме, која е причината што имаме лоши резултати и зошто не успеваат реформите?
„Дали некој ги прашал учениците што нив им се допаѓа и зошто не успеваат? Не е доволно некој кај учениците да изврши истражување дека тие не владеат со одредено знаење, а не се врши истражување дали учениците се задоволни и се пронаоѓаат во училиштето“, вели Мирјана Јовановска Стојановска.
Училиштето „не виси во воздух“, не може да се издвои, вели Стојановска, туку е дел од системот во кој живееме.
„Тие ученици доаѓаат од домовите на незадоволни родители, на луѓе кои се борат за живот. Кои не веруваат во ништо па дури ни во постоење на вируси, вакцини…Доаѓаат од семејства кои 30 години поминуваат низ транзиција“, додава Мирјана Јовановска Стојановска.
Реформите какви сакаат можат да бидат вели таа, но за вистински реформи во образованието може да се зборува кога ќе се погрижиме учениците да чувствуваат поголемо задоволство и безбедност, да се грижиме за нивното емоционално здравје, да дојдат понасмеани и посреќни на училиште, а на наставниците и професорите да им се овозможи подостоен живот и поголема почит на нивната професија.
