Зошто претседателката Давкова не е на Олимпијадата во Париз?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска не присуствува денеска на отворањето на 33. Олимписки игри што се одржуваат во Франција.

На овие игри има дури шест македонски натпреварувачи, и иако пред неколку дена истите беа примени токму од претседателката, таа не е во Париз за да ги бодри.

Од Кабинетот на Сиљановска велат дека таа нема да присуствува од принципиелни причини, односно сака симболично да укаже на тоа дека државните пари треба да се трошат за поприоритетни цели.

Како што велат, ваквиот поттик е писмо од професори на Природно-математичкиот факултет, за кое таа зборуваше и во интервју за Канал 5.

„Поканета сум од господинот Макрон за да одам на Олимпијадата во Париз и му благодарам. Нема да одам, ќе ви кажам зошто. Убаво е да се биде таму со сите други, да станам кога ќе поминат нашите петмина натпретварувачи. Но, јас добив писмо од врвни професори на Природно-математичкиот Факултет(ПМФ) кои ми велат „ве молиме ако можете некако да помогнете, нашите најдобри натпреварувачи на олимпијадите по математика и по физика да можат пристојно да учествуваат“. Па си велам, јас немам посебни средства, се знае кој е во Министерството за финансии, но убедена сум дека премиерот како професор, министерката за образование како професорка и министерката за финансии како една извонредно умна и квалификувана жена, ќе ги наградат стручноста и компетентноста и дека ќе создадат трајни извори за оние кои нас во светот нè покажуваат во подобра светлина одошто сме“, порача Сиљановска Давкова во интервју за Канал 5.

И иако Сиљановска не е во Париз, таму се нејзините колеги од Србија и Грција.

На социјалните мрежи српскиот претседател, Александар Вучиќ објави видео од Париз.

„Необично е чувството да се видат нашите спортисти и српското знаме како гордо се веат на отворањето на најпрестижниот спортски настан @paris2024. Ова е моментот кога нашата земја преку спортот се претставува пред светот во најдобро светло и испишува уште едно поглавје во нашата голема спортска историја. Додека нашите спортисти минуваат низ Париз, тие се инспирација за младите ширум Србија да веруваат во своите соништа, но и потсетник дека ние како народ сме способни со труд и работа да ги достигнеме највисоките цели. Затоа, покажете му на светот што значи да се биде спортист од Србија – не само преку вашите резултати, туку и преку вашиот карактер и спортски дух. Цела Србија е со вас, горда на се што сте постигнале досега и верувајќи во вашите нови успеси! Да живее Србија!“, напиша Вучиќ.

На социјалните мрежи може да се види и фотографија од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кој на себе носи кабаница за да се заштити од дождот!