Половина милион евра за општина Арачиново. Станува збор за неповратни средства, а целта е за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради Ковид-19 кризата. Како е утврдена оваа сума и дали некој ќе контролира како ќе се потроши, од владата не добивме одговор. Но, од Општина Арачиново, велат дека сами аплицирале до владата, бидејќи како што велат, веќе извесно време се соочуваат со потешкотии во работењето, особено откако настана пандемијата со Ковид 19.
За Тв21 од Општината велат дека парите ќе ги искористат за враќање на стари долгови. Со сумата која ја добиле од Владата, можат да вратат само половина, бидејќи долгот изнесува 60 милиони денари.
„Со оглед на тоа дека пандемијата со Ковид-19 ги отежни многу функции и активности на општината, доставивме барање за финансиска помош до Влада во врска со ефектите на Ковид-19, за да се соочиме со општинските долгови. Ние како општина наследивме повеќе долгови, а пандемијата ја отежни уште повеќе состојбата со општинските долгови. Владата донесе одлука и сме многу благодарни за добиената помош.“, велат од Општина Арачиново.
Прашавме во Влада дали ќе им се помогне финансиски и на другите општини за да се справат со кризата од Ковид-19 и врз какви критериуми е одредена сумата доделена на општина Арачиново. Конкретен одговор не добивме, но од таму велат дека помагаат и на другите општини.
„Владата постојано им помага на општините на различни начини, меѓу кои со дотации за капитални инвестиции, со што се поттикнувач економската активност, за поддршка на ликвидноста во време на криза и слично. Од тоа корист имаат сите граѓани.“, велат од Влада.
На истата владина седница одржана вчера беше донесена одлука да се пренаменат парите планирани за изградба на карго аеродром во Штип за помош на општините. Со ваквата одлука обезбедени се 35 милиони евра за 99 проекти за 75 општини кои аплицирале за помош од централната власт за проекти од патна инфраструктура, за водоснабдителна мрежа, за канализациони мрежи, за реконструкција изградба на градинки и училишта и спортски објекти.
Токму поради ова Градот Скопје, и општините Чаир и Карпош, односно нивните градоначалници, не се чувствуваат запоставено откако Арачиново доби помош за справување со Ковид 19. Како што велат тие, по основ на проекти добиле речиси иста сума од владата.
Од општина Чаир велат дека секоја општина има свои приоритети, па веројатно Арачиново барала помош за справување со Ковид 19, додека останатите за инфраструктурни проекти.
Инаку вчера на 28 седница, Владата го усвои и четрвтиот пакет мерки во висина од 8 милион евра за помош на граѓаните и компаниите кои биле оштетени од Ковид-19. Овде се опфатени и уметниците, приватните градинки, детските игралишта и едукативните центри за деца, центрите за странски јазици, организаторите на свадбите, ноќните клубови, трговските центри.