Зошто се одолговлекува работата за автопатишта? – Бочварски: Во 2023 година ќе реализираме 120 км автопатски делници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Крпени, со дупки и нерамни. Вака изгледаат многу автопатишта во земјава. А, нивната реконструкција тече бавно…  

Веќе осум години се работи на патниот правец Кичево-Охрид, а првите 2 километри од автопатот Скопје-Блаце никако да завршат.

Делницата од пет километри Катланово-Петровец од автопатот Велес-Скопје се реконструира повеќе од две години. Го прашавме министерот за транспорт и врски, дали следната година ќе патуваме по подобри патишта?!

Автопатот Тетово-Гостивар не ги задоволува стандардите да се нарекува автопат, иако граѓаните и понатаму плаќаат патарина. Ова во емисијата „Клик Плус“ го призна и директорот на ЈП за Државни патишта, Ејуп Рустеми. Граѓаните ќе продолжат да плаќаат исто, цените на патарините нема да претрпи измена, уверува Бочварски.

Од Скопје до Гевгелија, пат долг околу 150 километри има пет патарини за кои во еден правец ќе треба да платите 360 денари. За оваа година, од наплатните рампи се собрани околу 49 милиони евра, што е за околу 300 илјади евра повеќе од претходната година.

„Во 2022 година, заклучно со месец ноември остварен е промет од наплата на патарина во висина од  3.011.234.374,00 денари  или досега тоа се  48.936.161 евро“, велат од ЈП Државни патишта.

95% од буџетот на Министерството за транспорт за 2023 година е наменет за капитални инвестиции, од кои најголем дел за патна инфраструктура, вели Бочварски. 244 милиони евра се предвидени за Коридорот 8 и 10, а 6 милиони евра за локалните патишта.