Измените во кривичниот законик беа изгласани по кратка расправа од само два дена. Користејќи го европското знаменце брзо помина во Комисијата за европски прашања, попладнето беше пред пратениците на пленарна седница. Ги изгласаа само СДСМ и ДУИ. Најголем дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против, но не сите. Според списокот од резултатите од гласањето, пет пратеници на оваа партија воопшто не гласале, а шестмина отсуствувале.
Ова го демантира заменичката Ели Панова.
Меѓу пратениците кои гласаа против беше и пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин која е дел од мнозинството.
Бидејќи овие измени беа поврзувани со неговото име, екс премиерот Никола Груевски се произнесе на Фејсбук. И тој негира дека овие измени имаат врска со неговото враќање во Македонија.
-На секој два-три месеци им паѓа на памет спиновите да ги насочат кон мене во правец на некакви мои непринципиелни договарања со некого или нешто, заговори и слично, па веќе неколку години периодично се јавува потреба да ги демантирам, исто како што тоа го правам и сега во оваа прилика во која повторно го демантирам истото. Јас и повеќе мои соработници сме под прогон за не сторени работи, на тој прогон заднината е страв од конкуренција и желба за политичка елиминација-напиша Груевски.
Дека овие измени имаат врска со Груевски убедени се и од Демократското движење. Тие преку соопштение рекоа дека власта ДУИ-СДСМ-АА преку овие измени директно ќе влијае за кривичните дела на Груевски.
