Зошто униформите на полицијата сѐ уште не се на албански јазик? Нухиу ги потпиша нормативните акти пред повеќе од пола година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Униформите на полицијата и другите единици при МВР сѐ уште се само на македонски јазик. Амблемите на органите на редот никако да бидат испишани и на албански јазик.
Помина повеќе од половина година откако екс-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу ги испрати до Влада нормативните акти за двојазичните униформи, но досега работите тапкаат во место.
Колку е нејасен овој процес, толку нејасна е и изјавата на првиот вицепремиер Артан Груби, кој беше прашан – зошто полициските униформи сѐ уште не се на два јазика?!

-Нормативниот акт на г.Агим Нухиу додека ја вршеше функцијата министер за внатрешни работи беше за време на техничката Влада и справување со пандемијата, ќе повториме затоа што секако дека мора да се почитува законот, особено Законот за употреба на јазиците и не гледам некаква резерва од нашиот коалиционен партнер-рече Груби.

Неразбирливо е што ќе биде повторено и што ако актите на екс-министерот Нухиу веќе не важат, бидејќи се потпишани во време на техничката Влада. ТВ21 се обиде да го разјасни ова прашање, но конкретен одговор не добивме ниту од актуелниот министер Оливер Спасовски, а ниту пак од Нухиу. Нухиу рече дека не е запознаен со овој процес, а Спасовски кусо ни одговори дека „постапката е во тек“, без да објасни дали во процес се и нормативните акти кои ги испрати Нухиу или пак Спасовски ќе треба да достави нови.

Во декември 2020 година, Спасовски изјави дека веднаш откако Владата ќе ја заврши постапката со нормативните акти, ќе почне и спроведувањето на двојазичноста.

Но, и по 3 месеци од оваа изјава, не се случи ништо. Екс-министерот Агим Нухиу уште во август минатата година ги потпиша нормативните акти за амблемите на полицијата да бидат и на албански, но за ТВ21 објасни дека актите треба да добијат одобрување од Владата, па дури потоа да се отворат тендерски постапки за да може и во пракса да се интервенира за полициските амблеми.