Иако Тетово нема јавен превоз, во градот почна поставувањето на автобуските потстаници. За таа намена општина Тетово во јули 2020 година потпиша договор со компанијата Амазон за поставување на автобуските потстаници во вредност од 1.5 милиони денари без ДДВ. Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи за ТВ21 рече дека тоа се прави со цел постаниците да бидат готови кога ќе стигнат автобусите.
„Доколку ја завршиме постапката за автобусите, а не и овој процес, тоа ќе претставува проблем во функционалноста. Нашата тенденција е да завршиме со набавката на автобусите, да завршат потстаниците и да се стави во функција претпријатието“, вели Теута Арифи.
Но, кога ќе бидат донесени автобусите кои се ветени години наназад?!
„Имавме постапка која беше повторена по оценувањето на Комисијата и советниците на Светска банка. Сметаме дека ова постапка, до Нова Година, до пред Нова Година, ќе ја завршиме, кажувам Нова Година како рок кога ќе заврши постапката за набавка, а во меѓувреме се става во функција и претпријатието која треба да менаџира со функционирањето на автобусите“, додава Арифи.
Арифи вакво нешто вети и за првите шест месеци од мандатот токму во Клик Плус во 2018 година. Тогаш таа вети дека јавниот превоз ќе биде готов до крајот на нејзиниот мандат со основање на функционално претпријатие.
ТВ21: Дали верувате дека во текот на овој мандат ќе има јавен транспорт во Тетово?
Арифи: Верувам дека да!
ТВ21: Дали можете јавно да ветите?
Арифи: Јас кажав дека ќе го направам во овој мандат и ќе го направам!
Но, Арифи од февруари годинава рече дека се обезбедени средства од Светска банка.
И во Февруари 2020 таа даде едно ветување.
„Вредност на автобусите е околу 900 илјади евра и како резултат на успехот на овие две проекции Светска банка ни нуди и грант во вредност од 27% на реализирањето на овие програми“, додава Арифи.
Истото ветување Арифи го даде и во текот на првиот мандат во 2013 година, кога изјави дека Тетово ќе стане град со редовни автобуски линии.
