Додека Македонија го одбележуваше 31 годишниот јубилеј од незавосноста, во модуларната болница во Тетово во која се лекуваа пациенти со Ковид 19 избувна пожар кој предизвика трагедија каква што не се случила во Македонија во последниве 30 години.
На снимките кои кружеа на социјалните мрежи, потоа се виде како најпрво почнува да излегува чад од болницата, а се гледаше и како роднини на пациентите се обидуваа да ги спасат од пожарот нивните најблиски.
Огнените пламени се ширеа со голема брзина и околу 21 часот избувна голем пожар.
Пожарникарите успеаја да го изгаснат за кратко време, но не сите успеаја да се спасат. Живото го загубија 14 лица од кои 12 пациенти и 2 лица кои биле роднини на некои од пациентите. Други 12 беа повредени.
Сведокот Ибин Емшиу за ТВ21 зборуваше за најголемата трагедија во неговиот живот кога пред очи животот го загубија неговиот 56 годишен татко и 28 годишен брат, кој бил и неподвижен. Ибин бил тука но не можел да им помогне ниту да стори нешто кога огнената стихија ја зафатила болницата.
-Ужас, ги гледав, гледав како горат, излегов од задната страна, ги видов татко ми и брат ми, врискаа! Само писоците на татко ми и брат ми, не можев да издржам. Не можев да реагирам, огнот беше многу високо и никој не можеше да направи ништо, додека дојдоа пожарникарите, и кога го изгаснаа пожарот, остана само пепел, вели сведокот Ибин Емшиу.
Државниот врв се упати кон Тетово. Во објектот на општина Тетово одржаа итен состанок но пред медиумите никој не зборуваше, освен еден лекар кој говореше за состојбата на спасените пациенти.
-На почеток, нивната состојба беше многу тешка но со интервенција на лекарите нивната состојба е стабилна во моментов, изјави лекарот Меџмедин Абази.
Изгорените тела беа испратени на аутопсија и идентификација со помош на ДНК, а обвинителството го истражуваше местото на настанот. Во земјава беше прогласена тридневна жалост а за истражување на случајот, Владата побара помош од германски експерти.
На почеток никој не преземаше одговорност за пожарот, ниту министерот за здравство, ниту неговиот заменик, а ниту пак директорите на тетовската болница. Подоцна, министерот Венко
Филипче поднесе оставка од морални причини, а исто постапи и неговиот заменик Илир Хасани, како и директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми.
Владата обезбеди 420 илјади евра за семејствата кои ги изгубија своите членови.
Истрагата за пожарот траеше околу една година. Обвинителството утврди дека пожарот во модуларната болница избувнал како последица на палење на продолжен кабел на кој биле приклучени дефибрилатор, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. Но, еден од сведоците на настанот, Мумин Исмаили, не се согласува со вештачењето дека пожарот бил предизвикан од продолжен кабел. Тој вели дека пламените јазици настанале од дефибрилаторот кога бил вклучен во струја во соба број 3 каде бил со неговата мајка, која е една од жртвите во трагедијата.
-Во тој момент, ако видовте, снема струја, стана темно и избувна пожар. Му благодарам на Бога што сум жив, ама знаете ли како останав жив? Со молитвите на мајка ми! Секое парче леб ѝ го ставав во уста, а таа ми велеше – душо моја, се грижиш за мене, Господ да те благослови! Јас во собите видов луѓе како горат, а јас како што гледате жив и здрав сум. Имав повреди, но добар сум, изјави Мумин Исмаили, сведок на трагедијата.
За овој случај беа поднесени обвиненија против двајцата директори на болницата, Фљорин Бесими и Артан Етеми, против раководителот на модуларната болница, Бобан Вучевски и Градската болница во Тетово. Тие се гонат кривично за кривичните дела: „тешки дела против општата безбедност“, „предизвикување на општа опасност “ и „непостапување според здравствените прописи во време на епидемија“. Судењето започна на 6-ти месецов, но беше одложено поради отсуство на двајца обвинети. Продолжението е закажано за 14 октомври.
