Голем број граѓани за промена на личните документи на шалтерите на МВР поради промена на документите со новото име на државата.
Околу еден милион граѓани досега ги промениле личните документи, па според динамиката успешно ќе се заврши промената на сите лични документи, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој рече дека нема да има санкции за граѓаните кои до крајниот рок нема да извадат нови лични документи.
Министерот потврди дека фреквенцијата за издавање на лични документи со новото име на државата е зголемена во последниов време, особено во главниот град, но додаде дека МВР разгледува неколку предлози кои ќе помогнат во релаксирање на системот.
Граѓаните до февруари 2024 имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи во кои наместо актуелното име Република Македонија треба да стои новото име на државата Република Северна Македонија.
