ВМРО-ДПМНЕ вели дека претседателот на СДСМ Венко Филипче е самиот виновен за внатрепартиските состојби откако не успеал да ја консолидира партијата. Тој одговорноста ја префрла на поранешни функционери и членови на партијата со што јавноста сведочи на партиските поделби на СДСМ, истакна Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо заеднички опозициски фронт се множат фракции, суети и меѓусебни пресметки проткаени со низа навреди. Во и онака слабиот СДС кој е пред распаѓање јасна политичка алтернатива се помалку е на повидок, а контрашот Филипче треба да разбере дека ставот да се биде само против е погубен. Нашиот став е многу јасен. Прво: ВМРО-ДПМНЕ смета дека тоа е нивна внатрешна работа и не ни помислува да се меша. И второ ако се прашува некој дали ни одговара или не секако дека ни одговара, но дека тоа не е здраво за демократските процеси во државата“, порача Бране Петрушевски.
Ваквите реакции доаѓаат откако претседателот на СДСМ Венко Филипче вчера отворено ги обвини поранешните партиски членови организирани во таканаречена „Платформа 12.05“ дека соработуваат со ВМРО-ДПМНЕ и сакаат да ја разединат партијата.
„На едно место видовме мала група пучисти, поранешни функционери на СДСМ, но и членови на други партии, од ЛДП, луѓе вработени во ЗНАМ, но и од Левица, партија со вредности сосема спротивни на нашите. Сите седнат на едно место сите сателити на Христијан Мицкоски седат на едно место, тотална шизофренија. Вчера бев сведок дека СДСМ е единствениот опозициски бастион во земјата“, вели Венко Филипче.
Од Платформа 12.05 најавуваат дека во текот на неделава на партискиот претседател Филипче ќе му достават предлог за консолидација и промени во партијата. Тие бараат промена на раководството на чело со Филипче по што членството би одлучило низ внатрепартиска постапка за понатамошните чекори.
