ДУИ: Долгот на општина Тетово е 31 милион евра – Касами: Долгот кон извршителите го намаливме на 3 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Огранокот на ДУИ во Тетово, го обвини градоначалникот Билал Касами дека го крие вистинскиот долг на општината со која раководи. Според Арбeреша Незири од ДУИ, Тетово има долг од 23 милиони евра, според податоците на Министерството за финансии, додека дополнителни 8 милиони евра остануваат непријавени.

„Според податоците објавени од Министерството за финансии за вториот квартал од 2026 година, на 30 јуни, пријавените обврски изнесувале близу 23 милиони евра. А според нашите информации, околу 8 милиони евра не се евидентирани, со што вкупниот долг на Општина Тетово изнесува над 31 милион евра. Затоа прашуваме: Како се отплатени околу 20 милиони евра за два месеци? Со кои средства и каде се доказите за плаќањата? Основниот буџет за 2026 година изнесува 16,9 милиони евра. До половина од годината се реализирани 55%, во кои се вклучени и средствата од унгарскиот кредит“, порача Арбереша Незири.

Од Општина Тетово директно не ја коментираа прес-конференцијата на ДУИ, но изјавија дека стојат зад изјавата што самиот градоначалник ја дал неколку дена претходно, во која истакна дека долгот кон извршителите изнесува околу 3 милиони евра и дека ќе биде отплатен во рок од неколку месеци.

„Општината од долг што на почетокот беше пријавен на 15 милиони евра, зборуваме само за Општината, но со каматите и пеналите што ги плативме, тој долг достигна некаде до 20 милиони евра. Сега успеавме тој долг кон извршителите да го намалиме на некаде околу 3 милиони евра. И работиме интензивно во следните два до три месеци и овие 2-3 милиони евра што ги имаме кон извршителите да ги платиме, односно тие да ги наплатат извршителите, и конечно Општина Тетово да има финансиска ликвидност“, вели Биљал Касами.

Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, својот прв мандат го доби на крајот на 2021 година. Тогаш изјави дека вкупниот долг на општината, заедно со јавните претпријатија и училиштата, изнесувал околу 24 милиони евра.