Поминаа 10 дена од упадот на полицијата на Клиниката за онкологија, но Обвинителството се уште нема информации за сомнежите за кражба на лекови. Од таму велат дека постапката продолжува и поради чувствителноста на случајот и за истата да биде потранспарентна, се согласуваат да бидат опфатени тројца пациенти од Онкологија, со кои директно ќе споделат детали за постапката, доказите и преземените дејствија.
„Обвинителството денеска ќе побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија.
Пациентите ќе треба претходно да потпишат изјави со кои ќе се гарантира тајноста на постапката и на личните податоци во кои ќе имаат увид. Начинот на избор на пациентите е оставен на нивните претставници кои го изнесоа ваквото барање“, велат од ОЈО.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања дека веќе втора недела по ред нема одговор за скандалот на оваа клиника.
Од СДСМ со одговор до партијата на Мицкоски велејќи дека се злоупотребуваат пациентите и нивните постапки не се во полза на истрагата.
„Наместо да ја поздрави истрагата, тој само ја попречува обидувајќи се да ја политизира и да ја оптовари со непостоечки надлежности. Ова потврдува дека Мицкоски се плаши што ќе покаже истрагата, за се што се правело на Онкологија со страшната шема креирана пред многу години“, велат од СДСМ.
За денеска во 18 часот е најавен протест пред Владата и обвинителството за, како што се вели, криминалот на Клиниката за Онкологија. На протестот ќе се бара истрага за сите вмешани во скандалот на клиниката за Онкологија.
