10 години се гради, но никогаш не се отвори! – Спортската сала во Зајас сè уште под клуч

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е спортската сала при основното училиште „Реџ Рушит Зајази“ во Кичево. Изградена е пред повеќе од 10 години. Во август 2020 година, ТВ21 го праша тогашниот министер за образование, Арбр Адеми за судбината на оваа сала, зошто е затворена и зошто никој не стапнал внатре, но тој тогаш изјави дека не е запознаен со ова прашање и дека ќе се заинтересира и ќе не информира. Но до денеска не добивме одговор.

 Општина Кичево на седницата на советот соопшти дека издвоиле средства за подобрување на условите во спортските сали. Советникот на Алијансата за Албанците, Абдула Сејдини, го покрена прашањето за работата на салата во Зајас.

„Ме интересира прашањето на спортската сала во основното училиште „Реџ Рушит Зајази“. Веќе 10 години слушаме дека ќе биде пуштена во употреба, дека е активна, но не е. Барам од вас да знам во која фаза е и дали ќе биде опфатена во реконструкцијата“, истакна Абдула Сејдини.

Но, одговор доби од шефот на Финансиите во Кичево, Бурим Кадриу, кој рече дека салата е во функција.

„Спортската сала во „Реџ Рушит Зајази“ е во функција. Надминати се проблемите кои беа таму и мислам дека таму можат да се вршат спортски активности“, порача Бурим Кадриу.

За да го потврдиме тоа, ТВ21 излезе на терен и ѝ овој пат вратите на салата беа затворени.

Сретнавме и ученици кои ги прашавме каде го држат часот по физичко образование и дали виделе како изгледа салата?

„Во одделение, правиме неколку вежби, некои работи. Само еднаш во спортската сала, не функционира“.

„Седиме, девојчињата играат оро, а ние седиме!“

-Зошто, не функционира салата?

„Сега ја прават, директорот вели дека не работи поради пандемијата, а наставникот вели дека не  е завршена“.

И родителите се загрижени за не функционирањето на салата.

„Како родител на ученик  од 9-то одделение, на родителска средба поставив прашања за спортската сала, зошто како објект изграден повеќе од 10 години се уште не е пуштен во употреба од училиштето, добив одговор дека „Салата ја нема потребната документација за да се користи“, а зошто е така, никој не знае да ми одговори!“, вели родител.

ТВ21 неофицијално дознава дека клучот на салата не е во училиштето, туку во општината. Иако немавме пристап за снимање во внатрешните простории, дознаваме дека салата од внатре веќе почнала да се урива од водата која капела на сите страни. Реновирање или реконструкција на оваа спортска сала не е предвидено ниту за 2022 година, при што е  издвоен буџет за реновирање на неколку спортски сали во Кичево, но не и за оваа сала која се уште е затворена.