На местото каде што се наоѓала куќата на Гонџа Бојаџиу во центарот на Скопје свечено беше откриена спомне плоча.
Мајка Тереза е симболот на бескрајната хуманост, на љубовта кон човекот, на грижата и сочувството кон болните и сиромашните и не толку среќните во животот, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќањето на манифестацијата „Денови на Св. Мајка Тереза“, што се одржа на плоштадот Македонија по повод 110 – годишнината од нејзиното раѓање.
„Пред оваа спомен плоча која ги симболизира темелите на родната куќа на оваа светски почитувана Албанка, сакам да го изразам и споделам чувството на искрена гордост што сум дел од овој собир.“, рече Џафери.
Нагласи дека ова е нашиот предизвик што актуелните генерации треба да ја водат, за да го поразиме современиот непријател толку ситен, а сепак толку голем. – Како што рекла и големата Мајка Тереза „Одете дома и сакајте го своето семејство“, затоа што се почнува од семејство, додаде Џафери.
Во рамки на манифестацијата беше промовирана и книгата „Од Гонџа Бојаџиу до Мајка Тереза – Сага за животот на Албанците католици од Скопје“.
Директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани рече дека во книгата е претставен животот на Мајка Тереза од нејзиното Скопје до Калкута. Оваа книга, посочи, е една сага за католичките семејства во Скопје.
„Наскоро ќе упатиме предлог и елаборат до Собранието со цел да ја прогласиме Мајка Тереза за национално богатство, така што таа да стане и лична карта на нашата земја секогаш со надеж дека избраните претставници на народот ќе го поддржат овој предлог, потенцира Асани.
Гонџе Бојаџиу е родена во 1910 година во Скопје. Во 1928 таа заминала од Македонија во Хрватска за потоа преку Ирска да замине во Калкута каде со децении ја вршела својата мисионерска дејност, се до нејзината смрт. Во 1980 ја добива наградата „Почесен граѓанин на Скопје“, при што доби и спомен плочата и таа засади бор кој сè уште се наоѓа во близина на таа спомен плоча. Во 1997 таа доби Нобелова награда за мир, а по нејзината смрт, на 4 септември 2016 година, беше прогласена за светица од Ватикан.
