Во текот на денешниот ден во скопскиот Клинички центар влегуваа голем број амбулантни возила носејќи повредени од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Но, дел од возилата и однесоа тешко повредени на лекување во странство.
Први помош понудија Бугарите, Грците и Србите, а им се приклучија и Турците. 28 пациенти веќе заминаа во странство. Во Бугарија поголем дел заминаа со авион, дел со амбулантни возила, додека во Ниш и Солун со амбулантни возила.
Вкупната бројка која се планира да се испрати во странство засега е на 47 повредени.
Инаку, бројот на критични пациенти во текот на денот благо се зголемуваше од 18 на 20 лица. Таравари најави дека оваа бројка малку е зголемена, но не прецизираше за колку. Неколкумина од нив веќе се во странство. Во болниците во Македонија се лекуваат вкупно 115 пациенти, од кои 73 се во Скопје. Здравствениот кризен штаб се реши дел од пациентите да ги прати во странство, за да се има доволно простор во скопските болници за пациенти кои би дошле од болниците во Кочани и Штип.
„Бидејќи станува збор за опекотини кои можат да се комплицираат во наредните денови, конзилиумот на доктори сметаше дека е добро да се направи место во Скопје за сите пациенти, а најкритичните да се испратат во странство“, вели Сашо Клековски.
Освен помош во болнички капацитети, Македонија доби помош и од врвни лекари во санирањето на последиците од изгореници. Свои екипи испратија Чешка, Израел и Србија, кои ќе им помагаат на домашните доктори. Помош е понудена и од Италија, Холандија, Белгија, Албанија и Косово, но засега, според здравствените власти нема потреба од тоа.
