Хуманитарен апел за спас и закрепнување на 32-годишниот Стефан Петрушевски упати неговата сестра Габриела, која бара помош од граѓаните за да се соберат 280.000 евра потребни за негово лекување и рехабилитација во Германија.

Стефан веќе четири месеци се наоѓа на Клиниката за интензивно лекување и реанимација, по тешка повреда. Според апелот на неговата сестра, неговата состојба бележи подобрување и покрај првичните лоши прогнози, но за продолжување на лекувањето му е потребен специјализиран рехабилитациски третман во странство.
Како што наведува Габриела, во Македонија нема соодветни центри за рехабилитација на ваков тип повреди, а клиника во Германија побарала 280.000 евра за третманот. Семејството не е во можност самостојно да ја обезбеди потребната сума, додека Фондот за здравствено осигурување не ги покрива овие трошоци.
Стефан има само 32 години, сопруга и едногодишен син Алексеј, за кого семејството се надева дека повторно ќе го има својот татко дома.
„Ве молам да ми помогнете, кој колку е во можност, да ги обезбедиме средствата и заеднички да го испратиме Стефан на рехабилитација. Понизно ве молам да се сплотиме и на мојот Алексеј да му го вратиме татко му дома“, апелира неговата сестра Габриела Љубовска.
Таа информира дека се отворени сметки за донации во денари и евра, а во текот на следната недела се очекува да бидат објавени и телефонски линии за донирање, како и можности за уплата преку хуманитарни платформи.
Семејството повикува на солидарност и помош од сите граѓани, со надеж дека заеднички ќе успеат да ги соберат потребните средства за лекувањето на Стефан.
