Полицијата спроведува претреси на повеќе локации во Штип и Скопје, во рамки на истрага за сомнежи за манипулации со оценки, испитни поени и студентски досиеја на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Во фокусот на истрагата е вработен на универзитетот, раководител на Секторот за информатичка технологија, кој е осомничен дека незаконски интервенирал во електронската евиденција на студентите.
Според првичните информации, постојат сомнежи дека осомничениот менувал испитни поени, бришел оценки и овозможувал упис на семестри на студенти кои не ги исполнувале потребните услови, во замена за пари. Сомнителните интервенции, главно, се однесувале на студенти од Турција.
При претресот во домот на осомничениот била пронајдена поголема сума пари во готовина. Засега не е познат точниот износ, ниту дали парите се поврзани со истрагата.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во акцијата се вклучени полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал.
„По наредба на суд, обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип, се вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со кривичните дела ‘злоупотреба на службената положба и овластување’ и ‘оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем’, за кои постои сомнение дека ги сторил Р.Т., раководител на Секторот за информатика на Универзитетот ‘Гоце Делчев’ во Штип“, соопштија од МВР.
Од Министерството додаваат дека јавноста ќе биде информирана по целосното завршување на акцијата.
