Шпанскиот фудбал е во жалост по веста за смртта на 30-годишниот Хесус де Мигел, напаѓач на Тенерифе, кој почина еден ден откако доживеа срцев удар за време на натпревар. Несреќниот фудбалер се сруши на теренот по силен судир со противнички играч, по што веднаш му била укажана медицинска помош.
Трагичната вест ја потврди неговиот клуб, од каде што со емотивна порака се простија од фудбалерот.
„Скршени од болка, со кнедла во грлото и неспособни да поверуваме дека ова е вистина, од ЦД Тенерифе ја објавуваме трагичната смрт на Хесус де Мигел Аламеда“, соопштија од клубот, додавајќи дека во овие моменти нема зборови со кои може да се ублажи огромната тага.
Натпреварот против Андора бил прекинат во седмата минута од судиското продолжение, откако Де Мигел паднал на тревникот по судир со гостинскиот голман Хесус Овоно.
Голманот истрчал надвор од шеснаесетникот за да ја расчисти долгата топка, при што со коленото го удрил напаѓачот во пределот на градите.
Медицинските екипи повеќе од пет минути се обидувале да му помогнат на фудбалерот на теренот, по што тој со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во болница. И покрај укажаната медицинска помош, Де Мигел починал еден ден по инцидентот.
По трагичната вест, бројни фудбалски клубови од Шпанија упатија пораки на сочувство. Меѓу нив се и Реал Мадрид и Барселона.
„Реал Мадрид сака да изрази сочувство до неговото семејство, соиграчите, клубот и сите негови најблиски“, објавија од мадридскиот клуб.
Сочувство изрази и Барселона, од каде што порачаа дека мислите и поддршката се со семејството, пријателите и најблиските на починатиот фудбалер во овие тешки моменти.
