12-годишниот Македон Димитровски е примен во Програмата за талентирани млади при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД, објавија неговите родители на социјалните мрежи.
Програмата е наменета за ученици со исклучителни академски способности од целиот свет. По тестирањето, Македон добил признание „Grand Honors / SET“ за исклучителни резултати во математиката и вербалните способности.
Според објавата, на само 11 години тој постигнал и 1.440 поени на САТ-тестот – 740 поени по математика и 700 поени по читање и пишување.
Зад неговите резултати стои и долгогодишно учество на математички натпревари. Според неговите родители, Македон досега има освоено повеќе од 20 златни медали на меѓународни математички натпревари.
Неговото семејство вели дека најголемата мотивација зад овие успеси е неговата љубов кон знаењето и учењето.
Програмата за талентирани млади при „Џонс Хопкинс“ е позната по тоа што идентификува и поддржува ученици со академски способности значително над очекуваното за нивната возраст.
