Шумските пожари годинава досега зафатија повеќе подрачја низ земјава, а ЈП „Национални шуми“ до крајот на јули регистрирало вкупно 138 пожари. Според заменик-директорот на претпријатието, Кире Михаилов, проценката на вкупните штети сè уште не е завршена, но заклучно со јули тие се проценуваат на повеќе од четири милиони евра.
- Заклучно со месец јули, штетите се движат некаде околу над 4 милиони евра. Значи тоа е голема штета, меѓутоа во однос на она коешто го имаме во текот на изминатите години, сметам дека е релативно мала. Затоа што ако јавноста еве ја запознвеме дека 2024 година имавме фрапантна бројка од преку 83 милиони евра штета, а минатата 2025 ја завршивме со некаде над 50 милиони евра штета – рече Михаилов.
Од „Национални шуми“ велат дека бројот на пожари не отстапува значително од просекот во изминатите години. Најголем број шумски пожари е регистриран во 2007 година, кога биле забележани дури 652 случаи.
По завршувањето на летната сезона, екипи на претпријатието ќе влезат во опожарените подрачја за да направат детални проценки на состојбата. Ќе се утврдува на кои места е потребно отстранување на опожарената дрвна маса, а каде шумата има потенцијал за природна обнова.
Михаилов објаснува дека површината зафатена од пожар не значи автоматски дека целата шума на тој простор е уништена.
- Без разлика колкава површина ќе биде зафатена од секој пожар, тоа не значи дека таа цела површина е целосно уништена. Некаде пожарот воопшто и не зафатил, некаде бил приземен, некаде горело трева. Доколку стеблото или пак листењакот воопшто не се чепнати од пламени јазици, тогаш таа шума многу лесно ќе се самообнови – изјави Михаилов.
Тој посочува дека дел од пожарите се предизвикани намерно, додека други се резултат на човечко невнимание. Како пример го посочува пожарот кај селото Бигла во општина Делчево, каде што изгореле повеќе од 200 хектари шума.
Според Михаилов, затворските казни за лицата кои намерно предизвикуваат пожари имаат одреден ефект, но паралелно е потребно да се работи и на подигнување на свеста кај граѓаните за последиците од шумските пожари, меѓу кои е и загадувањето на воздухот.
