Општина Кичево во 2022 ќе има буџет од 14 милиони и 836 илјади евра. 52% од буџетот се средства наменети за училиштата, а 43% основен буџет. Градоначалникот Фатмир Дехари рече дека над 1 милион евра се за платите на вработените во Општината, дневници за советниците и социјалните работници.
„Буџетот за 2022 базиран врз сите начела, ја достигнува сумата од 14 милиони и 836 илјади евра, од кои 6,5 милиони приближно се дел од основниот буџет, и 8 милиони и неколку илјади евра се блок дотации за основните и средни училишта, потоа имаме активности со самофинансирање и имаме донации и кредити“, истакна Фатмир Дехари.
Тоа што предизвика реакции беше немањето јавна дебата за буџетот, како што беше минатите години, кога граѓаните можеа директно преку јавна дебата да ги изразат нивните потреби. Дехари рече дека е тоа поради одржувањето на локалните избори и дека буџетот е објавен на веб страната на општината, но според советниците од опозицијата, ова не е доволно оправдување.
„Не се согласувам со тоа што овој буџет немаше јавна дебата, можеби порано имало, но сега, не“, вели Агим Садику.
„Не ми се допадна оправдувањето за неодржувањето јавна дебата за буџетот за 2022, особено за делот на одржувањето на локалните избори бидејќи и во 2017 имавме избори но тогаш беше организирана јавна дебата, бидејќи навикнати сме, изготвувањето на буџетот да се прави така како што се правеше во минатото“, вели Абдула Сејдини.
На оваа седница беа разгледани и амандманите доставени од советниците на ВМРО-ДПМНЕ во врска со буџетот, кои по разгледувањето не беа изгласани и беа отфрлени.
Буџетот на општина Кичево по неколку дебати предлози беше ставен на гласање и беше изгласан со 12 гласа ЗА, 9 против и 1 воздржан.
