14-ти ден од војната на Блискиот Исток: Израел и Иран разменија силни напади

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Војната на Блискиот Исток влезе во својот 14-ти ден. САД и Израел од една страна, а Иран од друга страна, продолжуваат да разменуваат напади.

Израелската војска соопшти дека околу 6 часот утрово идентификувала ракети лансирани од Иран кон израелска територија.

Израелец кој преживеал ракетен напад, опиша сцени на паника и уништување откако ракета удрила во близина на неговата куќа, кратко по полноќ во селото Зарзир, северен Израел.

„По полноќ, вечерва најпрво се слушнаа сирени, а потоа се слушна експлозија, малку подалеку. Влеговме во засолништето, а потоа излеговме. По десет минути повторно се слушнаа сирени. Децата отидоа во засолништето, а јас заспав накратко. Штом се разбудив, едвај стигнав до засолништето, кога експлозијата беше веднаш до мене и сè околу нас беше уништено. Немаше струја, немаше светло. Почнав панично да ги барам децата, ги најдов меѓу урнатините и ја најдов и сопругата, фала му на Бога“, вели Калид Грифат.

Зарзир е арапско-израелско село, околу 100 километри северно од Ерусалим, во близина на границата со Либан, чии жители во последниот период често слушаат сирени поради најновата ескалација меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах по војната со Иран.

Од друга страна, Израел го започна својот последен „бран напади од големи размери“ врз Иран во 7 часот наутро, насочени кон инфраструктурата на како што велат, иранскиот режим. Премиерот на Израел тврди дека се убиени највисоките ирански нуклеарни научници.

„Во операцијата “Лавот што се издигнува“ за првпат успеавме да го пробиеме патот за нанесување голема штета, и на огромниот ракетен арсенал на Иран, како и на фабриките за производство на дополнителни ракети. Го направивме истото и во однос на неговата нуклеарна програма, вклучувајќи и тежок удар врз водечките ирански научници кои го предводеа развојот на атомските бомби наменети да нè уништат. Тие веќе не се тука, а патем, погодивме и уште неколку сега.“, рече Бенјамин Нетанјаху.

Претседателот на САД, Доналд Трамп упати нова закана до Иран на социјалните мрежи.

Тој напиша на својата социјална мрежа дека е вистина оти САД „тотално го уништуваат терористичкиот режим на Иран, воено, економски и на други начини“.

Трамп напиша дека иранскиот режим „убива невини луѓе низ целиот свет 47 години“. Тој ја наведе штетата што досега им е нанесена на Иран и неговите лидери.

„Сега јас, како 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави, ги убивам. Каква голема чест е да го направам тоа!“, рече Доналд Трамп.

Новиот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, вчера ја даде својата прва изјава, ветувајќи дека ќе им нанесе уште поголема болка на арапските земји од Заливот и заканувајќи се дека ќе отвори „други фронтови“ во војната што веќе ги наруши снабдувањето со енергија, светската економија и меѓународните патувања.

САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, на што Техеран одговори со ракетирање на Израел, Кувајт, Бахреин и други земји од Блискиот Исток, особено таму каде што има присуство на САД.