Во Клиничката болница во Тетово беа доделени 145 решенија за вработување за здравствениот кадар кој со години работел без регулиран статус. На овој настан присуствуваа лидерите на ВЛЕН, заменик-претседателот на Владата, како и самиот министер за здравство, Сашо Клековски. Последниот рече дека овие решенија биле неопходни за функционирањето на болницата и стабилизирањето на кадарот. Тој истакна дека со овој чекор конечно се решава статусот на вработените кои со години работеле со договори на дело на национално ниво.
„Со овој чекор го завршуваме проектот за вработување на 1.150 вработени со договор на дело кои беа на целата територија на земјата. По еден до два месеци ќе продолжи завршувањето на вториот проект за вработување на 600 специјализанти. Значи, останува во текот на оваа година да реализираме 300 вработувања за специјализантите, од кои 22 специјализанти ќе бидат вработени во Клиничката болница во Тетово. Со ова оценуваме дека ќе направиме значително зајакнување на човечкиот кадар во Клиничката болница во Тетово, што е неопходно за нејзината успешна работа.“, порача Сашо Клековски.
Од друга страна, директорот на Клиничката болница во Тетово, Ерзен Елези, нагласи дека покрај инвестициите во опрема, на болницата пред сè ѝ е потребен квалификуван кадар. Тој потсети дека овие вработени работеле повеќе од една деценија со договори на дело, а најави дека во текот на септември се очекува отворање на нови огласи за 25 административни работници, 12 технички работници и 22 специјализанти.
„Денес е историски ден за Клиничката болница во Тетово. Како што ветивме од преземањето на мандатот за реализација на овој конкурс, заедно со нашиот тим успеавме да ја постигнеме целта. Со 145 вработувања во Клиничката болница во Тетово се постигнува целта и целосното функционирање на Клиничката болница во Тетово. Сега сме во тековна постапка, сметаме дека до септември ќе се отвори и конкурсот за 25 административни работници, 12 технички работници во Клиничката болница во Тетово. Сметам дека со овој број ќе успееме и во нашите цели да стигнеме до врвовите на она што го замислуваме и ние, да направиме и универзитетска клиника.“, вели Ерзен Елези.
Овие вработени повеќе од 10 години работат со договори на дело, а често излегувале и на протести поради доцнење на платите и непродолжување на нивните договори.
