Од 130 до 150 лица се лекуваат од зависност од хероин во Куманово. Оваа бројка е константна во последните години бидејќи на пазарот се појавија многу нови наркотични супстанции и бројот на корисници се зголемува. Психијатарот Адриана Богадновска Тасиќ објаснува дека според направените истражувањата, адолесценцијата е возраст кога најмногу се предизвикува зависноста од дрога.
Тасиќ вели дека најчести фактори кои доведуваат до употреба на наркотици се социјалните фактори како што се сиромаштијата, лошата атмосфера во државата, конфликтите, личните проблеми и најважното – кругот на пријателство. Според неа, како превентивна алатка, покрај едукацијата, потребен е и поголем ангажман на младите.
Виолета Богдановска од Секторот за превенција вели дека надлежните служби постојано се на терен и преземаат организирани и индивидуални активности за откривање на шверцерите но и корисници на дрога.
Богдановска додаде дека дополнително се одржуваат и различни едукативни работилници за спречување на употребата на дрога, особено кај младите.
Инаку, во Кумановско во текот на 2021 година се уапсени 97 шверцери на дрога, а поднесена е 41 кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. Најмладиот притвореник има 18 години.
