20 години одолговлекување за Гимназијата „Сами Фрашери“ – Владата даде зелено светло, но кога ќе биде поставен камен-темелникот?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По 20 години одлагање на проблемот со гимназијата „Сами Фрашери“ и префрлање вина меѓу институциите, конечно Владата донесе одлука за стар на активностите за изградба на целосно нов објект за гимназијалците од Куманово. Објектот ќе се гради во дворот на поранешната кумановска касарна, а изградбата е предвидено да трае три години. Целиот проект ќе чини 120 милиони денари. Но, кога ќе биде поставен камен-темелникот на оваа гимназија? Министерот за образование, Јетон Шаќири, вели дека од општина Куманово го чека урбанистичко-архитектонскиот проект, по чие усвојување веднаш ќе почнат останатите процедури.

-Градоначалникот на општина Куманово ја поздрави оваа одлука на Владата и гарантираше дека наскоро ќе го достави проектот до Министерството за образование и наука. Доколку проектот пристигне во текот на оваа година, ние веднаш ќе ја организираме процедурата за обезбедување економски оператор за реализирање на овој проект, за гимназијата, изјави министерот за образование Јетон Шаќири.

И додека цели 20 години институциите си ја префрлаа вината меѓу себе, од Алијанса за Албанците велат дека со нивното доаѓање во локалната власт во Куманово, приоритет било изнаоѓање решение за проблемот со гимназијата „Сами Фрашери“.

-Ветивме дека прашањето за објектот на гимназијата „Сами Фрашери“ ќе биде главен приоритет и како таков го третиравме уште од првиот ден откако станавме дел од локалната власт, преземајќи ги сите потребни мерки за изготвување на проектот и техничката документација. Му благодариме на градоначалникот, Максим Димитриевски и Советот на општината за безрезервната поддршка што ја дадоа за решавање на овој проблем, велат од Алијанса за Албанците.

Го прашавме министерот Шаќири – кој е најзаслужен што овој долгогодишен проблем конечно ќе заврши?

-Не сакам да издвојувам кој е заслужен за тоа. Сите овие кои ги спомнавте имаат една цел – учениците од следниот септември да ги пречекаме во нов училиштен објект. Сега се гледа кој ги носи одлуките. Јас ја поздравив и тамошната локална власт, но нема некој кој е заслужен, туку само некој кој ќе ја заврши работата за да се постигне конкретен резултат што поскоро, изјави министерот за образование, Јетон Шаќири.

Гимназијата ќе се гради со пари од буџетот на МОН. Инаку, сегашниот објект на гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово е поранешен земјоделски комбинат.