Претреси на 16 локации низ целата земја и 20 лица под под истрага поради сомнение за оштетување на државниот буџет до 4,8 милиони евра! Ова се дедалите по вчерашната акција на полицијата, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Управата за финансиско разузнавање, кои постапиле по известување од Агенцијата за национална безбедност. Како што информираат од обвинителството, за време на претресите привремено биле одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и фалсификувани печати на правни лица, додека осомничените лица се обезбедени.
„Првоосомничениот, српски државјанин и сопственик и управител на две правни лица, заедно со двајца службеници од УЈП – Регионална дирекција Скопје, во текот на 2023 година формирале група со цел вршење на кривични дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба. Во периодот 2023–2025 година, во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија“, велат од ОЈО.
Преку поднесување на лажни податоци и со помош на даночни службеници, според обвинителството, главниот осомничен во 2023–2024 избегнал плаќање данок од 11,6 милиони денари, додека други осомничени незаконски добиле поврат на данок од 31,1 милиони денари, предизвикувајќи штета во буџетот. Дел од нив извршиле и трансфери на пари за прикривање на потеклото на средствата, во вкупна вредност од околу 92 милиони денари.
„Досегашните прибрани докази упатуваат дека осомничените вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од кои дел на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба, нанеле вкупна штета на Буџетот на РСМ од најмалку 162.980.076 денари.“, велат од ОЈО ГОКК.
Јавниот обвинител, оценувајќи ги околностите, констатирал дека се исполнети условите за определување мерка притвор за 10 осомничени и предложил на Кривичниот суд Скопје за 8 лица да се определи притвор, додека за 2 лица истата мерка веќе е определена во предметот поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. За останатите 10 лица кои се под истрага, обвинителот предложил мерки за обезбедување присуство, вклучувајќи и забрана за вршење работни активности поврзани со кривичното дело, како и забрана за вршење функции како службени лица во УЈП.
