20% од барање може да стане услов – Касами: Нашите аргументи се толку силни колку внесувањето на Бугарите во Устав

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Укинувањето на формулацијата „20%„ од Уставот кое се однесува на Албанците, од барање може да стане услов – изјави во Клик Плус, претседателот на Движење Беса, Билал Касами. Според него, доколку како опозиција ги поддржат уставните измени за внесување на Бугарите во Устав, тогаш на реципрочен начин треба да има поддршка и за укинувањето на 20%.

„Но, во исто време оценуваме дека нашите аргументи за укинувањето на 20% се исто толку силни како и аргументите за внесувањето на бугарската заедница. Така да ако има такво разбирање од нас како опозиција да ги поддржиме уставните измени со внесувањето на бугарската заедница во Уставот, очекуваме од друга страна иста таква поддршка и од албанските партии и од македонските партии што евентуално ќе се дефинира 20%, што е понижувачки за Албанците, треба да се избрише од Уставот и да се замени со албански јазик.“, рече Касами.

Вакво барање нема само Движење Беса. За ова во последно време зборуваа сите албански политички партии и сите се изјаснија дека се за укинување на 20% иако од албанската партија во власт,ДУИ, велат дека предност има внесувањето на Бугарите во Устав бидејќи има излезат многу други барања, македонската опозиција ќе добие алиби за да не даде поддршка.

„Секако дека ќе дојде моментот кога ќе се избришат тие 20% бидејќи сега веќе имаме доволно зрело време за точна формулација на Албанскиот јазик. Дали сега е вистинското време, тоа ќе треба да го оценат лидерите на политичките партии или ќе им создадеме алиби плус на опозицијата за да не ги поддржува уставните измени. Ние, само дел од владејачката коалиција, ги немаме бројките за уставните измени без поддршка од пратениците од опозицијата.“, вели Османи.

Таравари од АА исто така се надева дека ваквата измена ќе се случи сега и дека треба да ја поддржуваат сите политички партии во земјата.

„Алијансата за Албанците е среќна што сега дојде моментот кога политичките партии во Македонија ќе можат да ја изразат својата согласност албанскиот јазик да се именува како таков и повеќе да не се нарекува по грешка 20%. Предлагаме оваа промена да се случи сега и убедени сме, не само во согласноста на албанските партии, туку и во согласноста на сите партии во Македонија.“, изјави Таравари.

За отстранување на 20% и воспоставување на албанскиот јазик како службен, неодамна беше ангажирана и Oгнената група. Инаку, и Торбешите испратија и официјално барање до Владата за и тие да бидат составен дел од преамбулата. Сметаат дека Торбешите се трети според бројот на населението во Македонија, но поради многу причини овој број е намален на последниот попис.