Медина Ахмеди, 23 годишна од околината на Гостивар вели дека е жртва на семејно насилство. Тврди дека сопругот ја нападнал во нејзиниот стан во Гостивар каде живее во моментот.
„Дојде кај станот и бараше пари и ми го скрши телефото, ми ја зеде чантата но не можеше да ги најде парите и ме труна мене и синот го труна, ме повреди, синот го удри во рака и му рече да не ја допира мајка му. Јас само што излегов од болница, еве ја и документацијата. Јас сум под голем стрес и јас веќе не можев да го трпам и му реков оди си, осум години ме уништи и за тие осум години не поминало ноќ без да бидам малтретирана од негова страна. Пред пет дена се разделивме и со полиција не смее да ми се доближи, ниту да ну се доближам“, вели Медина Ахмеди.
Вели дека сопругот и претходно ја нападнал но ова е прв пат случајот да го пријави во полиција.
„За прв пат го пријавив случајот во полиција, неколку пати сум нападната, многу пати сум малтеритрана, многу пати сум останала без храна и сум просела за децата, да ви кажам право како на брат, сум просела за децата“, додава Медина Ахмеди.
Вели дека започнала постапката за развод и дека чека да почне судскиот процес.
„Бевме во брак и сега треба да го раскинеме бракот на суд. Зависи кога ќе стигнат документите од судот, сум земала парична помош за трето дете и сега ги немам документите, не ми го дава пасошот, ми рече правете што сакате“, вели Ахмеди.
Пријавеното насилство фигурира и во соопштениот на СВР Тетово.
„Вчера (3 јануари) околу 18 часот и 20 минути, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 34-годишниот Ф.А. од гостиварско село, кој претходно околу 15 часот во стан во Гостивар физички ги нападнал 23-годишната сопруга и нивните две малолетни деца. Ф.А. е задржан во Полициската станица Гостивар за натамошна постапка и против него ќе следува поднесок“, велат од СВР Тетово.
23 годишната Медина во моментов живее во стан во Гостивар, чија кирија ја платил хуман граѓанин. Пред неколку години во село Градец на оваа семејство му е изградена куќа која во моментот е затворена.
