231 доказ за случајот „Државна лотарија“ – Груби донесен во Кривичниот суд, но рочиштето одложено за 7 септември

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На барање на одбраната одложено е рочиштето за случајот „Државна лотарија“, во кој се обвинети осум лица, меѓу кои и поранешниот вицепремиер Артан Груби. Дел од адвокатите на обвинетите пред судот посочија дека не го добиле обвинението, како и дека доказите на Обвинителството не им биле дадени на увид. Следното рочиште е закажано по две недели, односно на 7 септември.

„Материјалот со докази е обемен и содржи 231 материјален доказ и 7 вербални докази. Поради обемот, доказите не се испратени по пошта, туку се обезбедени во кутии во судот, од каде што бранителите можат да ги земат и да ја разгледаат нивната содржина, да ја подготват својата одбрана и да достават листа на докази што предлагаат да бидат изведени во текот на постапката“, изјави судијката Биљана Шуплиновска-Јолевски.

Покрај Груби, во овој судски случај обвинети се и Прпарим Бајрами, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Фатмир Рамадановски, Бојан Јанев, Александар Димитровски и Башким Авдиу.

Одбраната на првообвинетиот Прпарим Бајрами, кој е во бегство, посочи дека не го добил обвинението. Судот информираше дека актот, заедно со доказниот материјал, ќе ѝ биде доставен на одбраната.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски. Двајцата обвинители најавија изведување на сите материјални докази, вештачењата и исказите на седумте сведоци.

„Сите обвинети се товарат за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување според член 353, став 5, 4, 1, во врска со член 22 од Кривичниот законик, за кое е предвидена максимална казна од 5 години затвор“, велат од ОЈО.

Според обвинението поднесено од Основното јавно обвинителство Скопје, Артан Груби и уште седум лица се обвинети дека ѝ предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ од над 507 милиони денари, односно околу 8,2 милиони евра, во текот на 2023 и 2024 година, со пречекорување на нивните службени овластувања.

Сите обвинети се товарат за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување. Првообвинетиот, поранешниот директор на „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами, сè уште не им е достапен на органите на прогонот и по неговото пронаоѓање се бара да му биде определен притвор.

За Артан Груби, Обвинителството бара продолжување на претходно определената мерка куќен притвор, која беше изречена заедно со мерката за одземање на патната исправа и забрана за напуштање на државата.