„3 години затвор за оние што немале ништо во свои раце!“ Обвинувања за селективна правда во одлуката на Апелациониот суд во Гостивар за модуларната болница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот економски директор на тетовската болница, Артан Етеми, ќе поднесе жалба до Врховниот суд, додека поранешниот медицински директор Флорин Бесими ќе ги искористи сите правни средства за да ја докаже неправдата. Двајцата осудени за пожарот во модуларната болница во Тетово се решија на ваков чекор откако Апелациониот суд во Гостивар им ги одби жалбите на пресудите од по 1 година и 6 месеци затвор и, по жалбата на Обвинителството и семејствата на жртвите, им ги зголеми казните на по 3 години затвор.

Оваа одлука на Апелациониот суд во Гостивар, Етеми ја нарекува „селективна правда со политички и етнички мотиви“.

-Селективна е затоа што уште од самиот почеток не беше покрената постапка против оние што го нарачаа, го изградија и го надгледуваа градењето на Модуларната болница (ние ја примивме како донација од Министерството за здравство). Етничка е затоа што обвинети сме само двајца Албанци, додека министерот Филипче – зошто, навистина?! – вели Артан Етеми, осуден.

И Флорин Бесими нагласува дека се осудени иако немале никаква улога во носењето одлуки или во изградбата на модуларната болница, додека оние што го проектирале и го изградиле објектот не се ни обвинети. Во писмен одговор, тој објаснува дека пресудата се темели исклучиво на наводен недостиг на апарати за гаснење пожар, иако е докажано дека тие постоеле – факт што судот не го прифатил. Според него, особено е проблематично што Апелациониот суд првично констатирал недостаток на основ за осуда, а потоа ја прифатил и дури ја зголемил казната на три години ефективен затвор.

-Јас лично ќе продолжам со сите правни средства за да ја отстранам оваа неправда од себе, како пред судовите, така и пред јавноста. Не можам да бидам осуден за рачни апарати за гаснење пожар, кои – дури и да не постоеле – не би можеле да послужат за интервенција при таков пожар, кој беше последица на начинот на изградба на објектот. Ова е докажано преку сите експертизи, изјави Флорин Бесими, осуден.

За одлуката на Апелациониот суд имаше бројни реакции во јавноста, но и од актуелни функционери. Меѓу нив и Блерим Сејдиу од коалицијата ВЛЕН. Тој напиша дека товарот на вината им се наметнува на луѓе кои не распишале тендери, не утврдувале градежни стандарди и немале одговорност за надзор, додека оние што ја имале вистинската моќ, што потпишувале, одлучувале и молчеле, сè уште се на слобода.

-Ова е двоен удар: еднаш за жртвите и еднаш за правдата. Затоа што правдата што ги казнува невините за да ги заштити моќните, не е правда. Тоа е студена, пресметана и намерна неправда. Ако вистинските виновници не сносат одговорност, тогаш оваа трагедија не одзеде само човечки животи, туку го изгоре и довербата во државата, вели Блерим Сејдиу од ВЛЕН.

Покрај зголемувањето на казните за Бесими и Етеми, Апелациониот суд во Гостивар ја зголеми и паричната казна за тетовската болница како правно лице за дополнителни 300 илјади денари.