„Чудно и тажно“: Стјуарт Коупленд од легендарните „The Police“, за вечерта кога беа избрани во Куќата на славните на рокенролот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тапанарот на легендарната група The Police, Стјуарт Коупленд, откри дека чувствувал голема тага и разочараност по приемот на бендот во Rock and Roll Hall of Fame во 2003 година.

Иако церемонијата требало да биде свечен момент за групата која остави неизбришлива трага во музичката историја, Коупленд вели дека настанот наместо радост му донел чувство на скршеност.

Во новиот документарец „Коупленд“, музичарот се навраќа на повторното обединување со Стинг и Енди Самерс. Според него, атмосферата за време на пробите пред настапот била необична и напната.

„Не се бевме виделе со децении. Пробите беа малку чудни“, раскажува Коупленд во документарецот.

Тензијата продолжила и за време на самата церемонија, кога бендот ги изведе своите најголеми хитови – Every Breath You Take, Roxanne и Message in a Bottle.

„Ги отсвиревме трите песни, а потоа погледнав и видов дека Енди замина на една страна, Стинг на друга. Јас отидов кај моето семејство пред сцената. Таа вечер повеќе никогаш не ги видов членовите на Полис“, вели Коупленд.

Тој признава дека бил длабоко погоден од ваквиот развој на настаните.

„Бев скршен. Ми остана чувство на тага. Си помислив: Зарем ова не значи ништо? Ајде, луѓе… И повеќе никогаш не ги видов“, додава тој.

Документарецот ќе ја има својата британска премиера на Raindance Film Festival на 19 јуни.

Во меѓувреме, односите меѓу поранешните членови на бендот остануваат затегнати. Коупленд и Самерс веќе подолг период водат правна битка против Стинг и неговата издавачка компанија, барајќи милионски износи за наводно неисплатени авторски права.

Според нивните тврдења, Стинг им должи меѓу 2 и 10,75 милиони долари од авторски надоместоци, а нивните адвокати сметаат дека сумата може дополнително да се зголеми поради долгогодишни неправилности во исплатите.

Од друга страна, Стинг ги отфрла обвинувањата и тврди дека неговите поранешни колеги немаат право на дел од приходите остварени преку стриминг-платформите и дигиталната продажба на музика.

Спорот е особено значаен бидејќи Коупленд и Самерс не се наведени како автори на најголемите хитови на бендот, меѓу кои е и „Every Breath You Take“, песна која, според медиумските извештаи, му носи на Стинг околу 550.000 фунти годишно само од авторски права. И покрај тоа, двајцата музичари тврдат дека им следуваат надоместоци како аранжери за користењето на музичкиот каталог на бендот на дигиталните платформи.