Трамп вели дека Ормутскиот теснец ќе биде отворен без наплата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп инсистира дека Ормутскиот теснец ќе биде отворен „без наплата“, според договорот меѓу САД и Иран за ставање крај на војната.

Говорејќи во вторникот на самитот на Г7 во Франција, американскиот претседател исто така изјави дека Иран „никогаш нема да има нуклеарно оружје“, а истовремено го критикуваше Израел за односот кон Либан.

Коментарите на Трамп, меѓу неговите најостри досега, ја покажуваат длабочината на несогласувањата меѓу него и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пишува Би-Би-Си.

Пакистан, кој беше еден од клучните посредници, во неделата соопшти дека САД и Иран постигнале договор, но неговата содржина сè уште не е објавена.

Во понеделникот, претставници од администрацијата на Трамп изјавија дека договорот веќе бил електронски потпишан од двете страни, додека официјална церемонија треба да се одржи во Швајцарија подоцна оваа недела.

Во меѓувреме, цената на нафтата продолжува да паѓа по објавувањето на информациите за договорот. Еден барел сурова нафта „Брент“, кој е меѓународен стандард, падна под 80 долари за првпат од почетокот на март.