Прашањето за болницата во Кичево се отвора само за време на предизборни кампањи. Како што се чини, така ќе продолжи и на наредните изборни циклуси. Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во јули 2020 година го посети Кичево поради изборни активности и најави старт на градежните активности и издвојување средства за оваа болница.
Но, до јануари годинава немаше никакво движење… На почетокот на годината, и министерот за здравство, Венко Филипче го посети Кичево, при што ја најави втората фаза од изградба. Тој ден, неколку работници од фирмата која го доби тендерот, го расчистија дворот на болницата.

Но, болницата сѐ уште е во иста состојба.
„Зад мене се наоѓа новата болница во Кичево, чија изградба почна пред 30 години. Во јануари годинава министерот за здравство, Венко Филипче, дојде тука и најави дека ќе почнат градежните активности. Тој ден само малку се работеше од страна на компанијата која го доби тендерот. Беше расчистен дворот, но од тој ден ништо веќе не е работено во болницата. Остана во истата состојба каква што беше со години…“, истакна репортерката на ТВ21.
ТВ21 неколкупати се обиде да стапи во контакт со директорот на кичевската болница, но тој беше недостапен. Изградбата на оваа болница почна во далечната 85-89-та. Секоја година ја посетуваат политички претставници, ветувајќи дека болницата ќе биде завршена.
