СДСМ се разбуди! Денес ставаме точка на разединувањата-кој планира да не поткопува од внатре-нека си замине. Ќе тропнеме на секоја врата, ќе ја разбудиме Македонија. Вратите на СДСМ се ширум отворени за секој чесен социјалдемократ, за секој работник, за секој интелектуалец кој ѝ мисли добро на државата – порача лидерот на СДСМ Венко Филипче во своето обраќање од 31 Конгрес на партијата. Рече дека нема да дозволи контролирана опозиција како што сака власта, ниту пак партијата да се поткопува одвнатре.
„Нека слушнат добро Белата Палата и во Владата. Мислеа дека сме на колена? Мислеа и зборуваа дека сме готови? Штотуку почнавме! СДСМ се рабуди. А кога СДСМ е буден, тираните не спијат мирно! Немаме време за страв, има само за храброст. Почитувани присутни од овој момент надежта има име, се вика СДСМ“, вели Венко Филипче.
Филипче ја обвини власта дека ветила гордост и реформи, а не донесла до питачки стап и до грабеж од епски размери. Буџетот за 2026 година со дупка од две милијарди евра, го нарече финансиско злосторство против иднината на децата. Цените растат затоа што се штитат профитерите, а не граѓаните и не убедуваат дека сме четврта економија во Европа – рече Филипче. Според него, државата е во дипломатска изолација, европскиот пат е блокиран. Рече „наместо во периметарот на САД, завршивме надвор од кружницата на Европа“. И упати порака до како што рече оние кои мислат дека можат да седат на две столчиња. Последно поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов побара Филипче да поднесе оставка, а со отворена критика излезе и поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
„Денес ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции. СДСМ е армија на вредности. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас – добредојден е вистински, искрено, братски. Но, кој планира да нè поткопува од внатре, кој планира да биде „Тројански коњ“ на ВМРО или на некои други интересни групи – нека си замине веднаш. Немаме време за предавства“, вели Венко Филипче.
Други ја гледаат Македонија како плен, а ние како дом-СДСМ секогаш бил факелот кој води до излезот. Ние нудиме Европска Македонија. Реформирано судство и судии кои судат по закон,болници во кои се лекувате достоинствено, училишта кои создаваат умови, а не послушници – рече Филипче.
Конгресот на СДСМ се одржува во услови на засилени внатрепартиски тензии и јавни критики кон Филипче од поранешни партиски функционери за лошите резултати на локалните избори во октомври 2025 година. Јавно се бара негова оставка.
