37 починати од ковид за еден месец во Кичево, вакцинирани над 14 илјади граѓани

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

25 хоспитализирани во ковид-центарот и 6 пациенти на Интерното одделение. Ова е денешниот биланс во Кичево, каде пред две недели во болнички услови се лекуваа 65 заразени пациенти. Во кичевскиот ковид-центар секој ден се упатуваат од 30 до 40 лица за преглед. Во август беа регистрирани 250 пациенти, од кои 37 ја изгубија битката со коронавирус, а од нив само двајца биле вакцинирани.

Директорот на болницата, Станко Трпески вели дека трагедијата во Тетово влијаела и врз пациентите во Кичево кои биле хоспитализирани во модуларната болница. Сепак, како што додава, успеале да ја одржат ситуацијата под контрола, да ги смират пациентите и да ги уверат дека модуларниот објект е безбеден. Директорот на Здравствен дом-Кичево, Џабир Бајрами, вели дека вакцинацијата тече со висок интензитет, додавајќи дека по новиот бран во август, интересот за имунизација е уште поголем.

На ниво на целата држава во последните пет недели, 20.878 граѓани или 80% од позитивните пациенти не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализираните невакцинирани пациенти е 84%, а само 16% од хоспитализирани имаат примено некоја од анти-ковид вакцините.