42 државјани со 16 автомобили организирано тргнаа од Словенија кон Македонија. Исто така организирано е враќање и на 27 државјани од Истанбул каде беа заглавени поради коронавирусот. Утре во Скопје ќе пристигнат 376 од Малта и Хрватска, изјави за ТВ21 државниот секретар во МНР, Зоран Попов.
Пред неколку дена се вратја 63 државјани од Црна Гора и 7 од Полска. Меѓутоа многу граѓани кои денеска ги контактираше ТВ21 се уште чекаат одговор од амбасадата во Германија, Швајцарија, Австрија и Босна и Херцеговина. Државниот секретар Попов вели дека сега по Малта и Хрватска, на ред се 900 граѓани заглавени во Германија.
Попов за ТВ21 рече дека очекува за 2 до 3 недели ќе заврши целата оваа операција со враќање на македонските државјани. Се очекува да има околу 15 други летови, но се уште не е дефинирано.
Со тешкотии ќе се одвива враќањето на 350 граѓани од Северна и Јужна Америка, Африка, Азија и Австралија. И покрај тешкотиите Попов тврди дека се работи на тоа тие да се вратат дома, а како опција останува соработката со земјите од регионот и Европа во хуманитарните летови да помогнат за враќањето на македонските државјани.
По вториот повик од МНР, од цел свет се пријавија 5250 државјани за враќање во татковината, но од нив само 2890 прифатиле по враќањето да бидат две недели во државен карантин и сами да ги покријат трошоците за летот. Потсетуваме дека ќе се вратат само тие граѓани кои немаат регулиран престој во земјите каде останале блокирани поради коронавирусот.
