400 кучиња скитници низ улиците на Тетово – 12 граѓани нападнати во јануари, имаат право да ја тужат општината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 400 кучиња скитници се на тетовските улици во овој временски период. Овие податоци ги сподели ветеринарот Рамиз Селами, кој третирал улични кучиња. Вели дека во овој временски период тие се поагресивни поради недостиг на храна. Иако се вакцинирани кучињата можат да бидат агресивни доколку бидат испровоцирани.

„Моментално во Тетово има 300 до 400 улични кучиња иако не се знае точната бројка. Но проблемот не е во тоа колку има во Тетово, туку проблем претставува и тоа што ги носат од други градови и општини и тие немаат храна и затоа стануваат поагресивни во зима“, истакна Рамиз Селмани.

Според податоците на СВР Тетово, само во јануари од кучиња скитници биле нападнати 12 граѓани и тие тоа го пријавиле во полициската станица во Тетово. Претседателот на општинскиот совет на Тетово, Беким Мемети, вели дека општина Тетово за 2021 година одвоила 3 милиони денари за нивно третирање. Според него сите граѓани кои ќе биле нападнати од кучињата скитници имаат право да ја тужат општината.

„Општината годинава предвиде поголем буџет од претходната година, вкупно 3 милиони денари за третирање на уличните кучиња за разлика од претходната година кога имаше 1 милион денари и доколку има потреба таа сума ќе се зголеми со ребалансот кој ќе се направи. Сакам да апелирам до сите граѓани кои биле нападнати од кучињата скитници, нивното право за надомест да го искористат преку суд“, посочи Беким Мемети.

Според ветеринарот Селмани, ова е значителна сума но треба и другите полошки општини да одвојат средства за третирање на уличните кучиња со цел да има некако резултат. Третирањето на кучињата скитници и понатаму претставува проблем во полошкиот регион, а бројот на граѓаните кои се нападнати од нив се зголемува постојано во зимскиот период.