Повеќе од два часа траеше отчетот кој екс министерот за здравство Беким Сали го даваше како свое образложение но и како одговори на прашањата на членовите на Анкетната комисија за тоа што се случувало во Клиниката за онкологијата. Сали во своето образложение рече дека во неговиот кус мандат од околу една година увидел дека на Клиниката за онкологија имало проблеми.
„Откако ги разгледував детално извештаите на Клиниките станав се позагрижен за менаџментот на Клиниката за онкологија. Така стана очигледно дека оваа клиника имала растечки долгови, слабости во планирањето, реализации и контрола на условниот надоместок за набавка на биолошка терапија и отсуство на медицински протоколи со кои ќе се воспостават правила и утврдат критериуми за приклучување на пациенти кон биолошката терапија.“, рече Сали.
Дел од пратениците со прашање до Сали за тоа што презел за средување на состојбите на Клиниката, тој одговори дека побарал од поранешниот директор Нино Васев да подготви план за излегување од кризата, но откако не добил ништо побарал оставка од него. Прашање имаше и во врска со како системот со кој се одредува терапијата кој иако бил набавен пред многу години, не е во функција.
„Што преземавте вие како министер во врска со тоа, дали бевте запознаен бидејќи оваа опрема е набавена од Министерството за здравство. Дали воопшто знаевте дека истата стои неупотребена?“, праша Василевска.
„Ниту еден вработен на Клиниката не ми спомнал дека таков систем бил набавен во 2016 година и од тој период не бил пуштен во употреба. Не сум имал информации за постење на таков систем.“, изјави Сали.
Според претседателката на Анкетна комисија Рашела Мизрахи пред Анкетната комисија за скандалот со Онкологија рече дека пред пратениците треба да бидат сослушани 44 сведоци во врска со овој случај.
