Денеска во Скопје беа промовирани 49 нови возила за комунална хигиена, обезбедени преку проект со поддршка од Светската банка. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, рече дека новата механизација ќе овозможи побрзо и поефикасно собирање на сметот, а најави и над 3.300 нови контејнери.
„Ова е значителна помош за општините, што се случува сденес и што имаме можност да го видиме како дел од презентацијата. Нова можност за општините, нов начин на собирање на отпадот и третман на истиот – едно од најгорливите прашања, не само во Скопје туку и во цела Македонија“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Заменик-премиерот Александар Николоски истакна дека вкупно се купени 19 мултифункционални камиони од различни видови, 9 специјализирани камиони, цистерни и 21 мултифункционално возило, кои се очекува да помогнат во чистењето на улиците.
„Во овој проект ќе има возила за Градот Скопје, за Општината Куманово, Општинaта Прилеп, Општината Струмица, Општината Штип, Општината Охрид, Општината Тетово, Општината Неготино, Општината Кичево, Општината Дебар, Општината Велес, а се надевам дека веќе во следните проекти, којшто ги работиме, ќе има и за останатите општини.“, порача Александар Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски, најави дека следниот чекор ќе биде снабдувањето на општините со електрични автобуси за еколошки јавен превоз.
„Тука не застануваме, продолжуваме и понатаму. Следен чекор е испораката на автобусите, коишто би требало многу скоро да почнат да се испорачуваат на општините за организирање на еколошки јавен градски превоз, тука мислам на електричните автобуси.“, вели Христијан Мицкоски.
Според надлежните, инвестициите имаат за цел подобрување на јавната хигиена и условите за граѓаните во општините корисници.
