Специјалниот пратеник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка, Кирил Дмитриев, објави фотографии на социјалната мрежа „Икс“ од пристигнувањето во Москва на американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
„Добредојдовте во Москва, мировотворците Стив Виткоф и Џаред Кушнер!“, напиша Дмитриев, објавувајќи фотографии од аеродромот.
Виткоф и Кушнер пристигнаа во Москва во саботата, во рамки на напорите за заживување на мировните преговори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина.
Според американските медиуми, се очекува пратениците во текот на денот да се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин. Тие, исто така, треба да се сретнат и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Посетата се одвива во период кога мировните преговори се во застој и сè уште нема јасен пат кон завршување на конфликтот.
