Пред пет години не беше толку мирно во скопско Сингелиќ.
Поплавите земаа сѐ пред себе.
Пет години од страшното невреме, куќите се санираа, но истото не може да се каже и за улиците. Претседателот на месната заедница Јане Сандански, Адем Исмаили вели дека каналот кој ја дели населбата Сингелиќ, претставува ризик за жителите, а властите не преземаат ништо за да го исчистат.
-Многу барања доставивме, но никој не ги зема предвид. Ви се верува ли како може еден жив човек да живее тука, во вакви услови, во вакви околности, во овој дел тука. Може да се види тука од асфалтот… Во ваква состојба е уште од поплавите, после тоа не е изграден повторно-вели Исмаили.
Претседателот на месната заедница Алија Авдовиќ пак, Абдулах Ибиши, вели дека до општината поднеле барање на санирање на улиците, но дека досега не добиле одговор.
-Многу барања доставивме, но ништо не е реализирано. Имам и факти, сега ќе ги покажам…
-Сето ова се барања кои сте ги доставиме?
-Да, ова се сите барања кои ги доставивме писмено како месна заедница Сингелиќ. Имам уште, за каналот, за градинката, за патот. Не добивме никаков одговор.
Ова е улицата „Поповска“. Во ваква состојба е уште од поплавите. Голема штета е предизвикана и во населбата Стајковци.
Ова е Миле Јордановски. Тој веќе 5 години се труди да ја изгради куќата, која поради невремето кое донесе обилен дожд, веќе не ги задоволува елементарните услови за живот. Вели дека добил само 500 евра од Црвен крст и 17 илјади денари оштета.
На 6 август 2016, за 24 часа во Скопје наврнаа 93 литри на метар квадратен. Најпогоден беше североисточниот дел од главниот град, како што се Сингелиќ, Стајковци и други населени места. Поплавите со себе однесоа и 22 жртви, а поплавени беа и голем број куќи, нанесувајќи штета од неколку илјадници евра.
