50.000 евра „картата“ на ВМРО-ДПМНЕ за Берлин – германски пратеник поднесе оставка поради лобирање за Груевски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 50 илјади евра му наплатил Тобијас Цех, пратеникот на владејачката ЦСУ во Бундестагот, на ВМРО-ДПМНЕ  за да му „ги отвори вратите“ на Берлин на Никола Груевски во 2016-та година. Станува збор за периодот кога Германија беше најгласна со забелешките за неговотите владеење. Но, и покрај тоа, тој остварил средби со членови на сестрински партии на ЦДУ на Меркел, како сојузниот министер за економска соработка Герд Милер и министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер во Мингхен како и други политичари.

Парите „легнале“ на сметка на фирмата за ПР консалтинг  на партеникот. Пратеникот од морални причини поднесе оставка од функцијата откако беше откриено дека лобирал за поранешниот македонски премиер. Ова го објави угледниот германски магазин „Шпигел“, во својата анализа.  

Побаравме одговор и од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали биле исплатени сретствата од нивна сметка. Но, наместо одговор добивме прашање.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да коментира внатрешни работи на друга држава, а посебно не внатрешни преструктурирања помеѓу сетсринските партии! Редовна пракса е во демократските земји да се ангажираат компании за ПР и стратегиско советување, што морам да напоменам такви договори во минатото имало кај големите политички партии во Република Македонија и тие вообичаено како и ова се од доверлива природа. Сметаме дека е поважно за граѓаните власта да даде одговор зошто нема вакцини, зошто наместо вакцини трчаат по провизии и зошто актуелни функционери на власта дезертираат во време на корона и одат на милионски одмори додека народот умира. Македонија е трета по смртност во светот поради корона“, истакна Димче Арсовски.

Цех беше дел и од изборните кампањи на ВМРО -ДПМНЕ со целосна поддршка и порака:

„Доколку ја изберете оваа партија, доколку повторно гласате за Никола Груевски, гласате за курс кон иднината на Македонија“, посочи Тобијас Цех.

Цех денес вели дека во периодот додека соработувал со Груевски и ВМРО-ДПМНЕ наводно не знаел за обвинувањата за корупција и злоупотреба на власта. Дури пред пресудата за Груевски, од медиумите дознал дека постоеле такви сомнежи. Но, договорот веќе бил завршен.  И покрај тоа што Цех за „Шпигел“ се правдал дека се што работел било легално и не било спротивно на неговата пратеничка функција,откако бил соочен со документите одлучил да поднесе оставка во Бундестагот. Есента во 2017-та  Цех го загубил пратеничкото место во Бундестагот. Во 2018 година ја ликвидира и фирмата за ПР консалтинг преку која склучило договор со ВМРО-ДПМНЕ.