50 македонски граѓани чекаат евакуација, меѓу нив и петдневно бебе, Османи очекува деновиве да бидат префрлени сите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уште 50 македонски граѓани со нивните семејства чекаат да бидат евакуирани од Украина во нашава земја, а меѓу нив е и едно новороденче кое има само 5 дена. Семејството со бебето претпладнето го напушти Харков преку конвој на ОБСЕ. Дел од македонските граѓани се наоѓаат во Киев, но и во Харков кој деновиве е цел на жестоки напади. Во Украина пред почетокот на воените дејства се наоѓаа 100 наши граѓани и досега преку безбедносни коридори, главно организирани од Бугарија, се евакуирани половината од нив. Се прават и напори преку турскиот воз кој е испратен за евакуација на нивните граѓани да се пренесат и наши. Исто така и неколку возачи на камиони кои пренесуваат стоки од Русија се заглавени во Украина, бидејќи тамошната власт им дозволува да заминат но не и да се пренесат руските продукти.

„Очекуваме денеска поголем дел од нив да ги евакуираме, а продолжуваме и со другите. Од тие 50, 20-ина се во Киев, 20-ина се во други градови низ Украина. Има едно семејство со 5-дневно бебе, во Харков, каде што таму се одвиваат најголемите воени дејства во моментот. Ние сме во постојана комуникација со нив“, рече Османи.

Османи рече дека донесена е одлука да не се испраќа амбасадорот на Македонија во Русија кој што требал да замине на 15 март. Состојбата во Украина се повеќе се влошува изјави шефот на дипломатијата, но тој е загрижен од најавата на рускиот претседател Владимир Путин за ставање на готовност на нуклеарните сили.

„Состојбата се влошува и покрај тоа што вчера имаше обиди за разговори. Тие прекинаа за дополнителни консултации, меѓутоа, информациите кои што ние ги имаме е дека се очекува разгорување на воените дејства во наредниот период. Фактот што воопшто се спомнува таа можност од страна на претседател на држава кој што поседува нуклеарни капацитети е загрижувачко“, вели Османи.

Оценките дека со разгорување на војната е можно прелевање на конфликтот и на Балканот, според Османи е причината и за подигнување на степенот на внимателност на повисоко ниво и затоа смета тој Европската унија треба да донесе одлука за што поскоро да ги започне преговорите со Македонија и со Албанија.

„Степенот на внимателност е подигнат и во НАТО и во Европската унија и кај нас кои што сме членки на НАТО во регионот поради можноста некој да ја искористи оваа ситуација за влошување на приликите овде во услови на две големи отворени прашања и две дополнети отворени прашања а тоа е нашето и на Албанија поради блокирањето на почетокот на преговорите, рече Османи.

Македонија досега целосно се приклучи на санкциите и сите рестриктивни мерки што Европската унија ги презеде кон Русија. Донесена е одлука за затворање на воздушниот простор за руските авиони, за воена и за хуманитарна помош на Украина, како и за евентуален бран на бегалци од Украина. Исто така донесена е препорака за забрана за емитување на руски државни медиуми преку нашите кабловски оператори како мерка за спречување на дезинформациите и пропагандата. Исто така станавме и коспонзори на Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации за осуда на руската инвазија во Украина.