Премиерот Христијан Мицкоски очекува просечната плата во земјава до крајот на 2026 година да ја надмине границата од 50.000 денари, доколку продолжи растот со сегашната динамика.
Мицкоски во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека кога ја презеле Владата, просечната плата изнесувала околу 650 евра, додека според последните податоци за јули, таа достигнала приближно 800 евра.
„Од 650 евра стигнавме до 800 евра за 24 месеци. До крајот на 2026 година сум убеден дека ќе ја надминеме магичната граница од 50.000 денари просечна плата“, изјави Мицкоски на ТВ21.
Тој појасни дека во мај просечната плата накратко надминала 800 евра, но тоа, како што рече, се должело и на други фактори, меѓу кои исплатата на дивиденди.
Премиерот очекува растот на просечната плата да продолжи и во 2027 година. Според неговите процени, доколку годишниот раст се движи меѓу седум и 7,5 проценти, просечната плата во 2027 година би можела да достигне од 53.000 до 54.000 денари.
